Британски боксер позитивен на допинг-тест пред борбата со олимпискиот првак

Британскиот боксер Лоренс Околи бил позитивен на антидопинг тест во пресрет на борбата против Французинот Тони Јока, соопшти денес неговиот агент и промотер. 

Според информациите, анти-допинг агенцијата пријавила позитивни резултати по тестирањето пред борбата која беше закажана за овој викенд. Мечот очигледно нема да се одржи во предвидениот термин, а дополнително, се очекува и суспензија за Британецот кој важи за еден од најдобрите боксери на својата генерација. 

Околи се огласи на социјалните мрежи, истакнувајќи дека верува во својата невиност, но сето тоа ќе зависи од дополнителната истрага за случајот.

„Потполно сум отворен за соработка со сите органи и институции. Се надевам дека истрагата ќе покаже дека сум невин, а потоа очекувам и извинување со цел да не се оцрни моето име и мојата богата кариера“, напиша Околи. 

Боксерот ја започна професионалната кариера во 2016 година. Ја претставуваше Велика Британија на повеќе големи настани и меѓународни натпреварувања. Во 2021 година, ја освои ВБО титулата во крузер категорија.