Браќата Рустемовски со сигурни победи се враќаат од Марибор 

Македонските боксери повторно имаа забележителен настап во регионалната боксерска лига. Тројцата браќа Рустемовски од Марибор се враќаат со позитивни резултати со кои ја потврдија одличната форма. Во рамки од петтото коло од регионалниот шампионат, Адријан и Руждин славеа убедливи победи, додека противникот на Ален се повлече во последен момент.

Адријан Рустемовски беше убедлив против боксерот на Славија Бања Лука, Петар Средојевиќ, кого го победи со 5-0, додека Ружди Рустемовски славеше со 4-1 против уште еден натпреварувач на Славија Бања Лука, Анел Рахимиќ.

Противникот на Ален Рустемовски, членот на домашниот клуб Марибор, Дамир Азизовски се повлече пред борбата.

По одличниот настап во Марибор, тројцата браќа сега се подготвуваат за шестото коло во регионалната лига, на кое домаќин ќе биде Македонија, а претходно Ален ќе настапи на силен турнир во Белград.