Боксерите од Лондон порачаа: Сите се грижат за нас, наскоро ќе се вратиме дома

Гоце Јанески и Јасин Љама се двајцата репрезентативци кои поради ситуацијата со Ковид-19 останаа во Лондон, каде се одржуваше првиот квалификациски турнир во бокс за Олимписките игри во Токио. Од нашата репрезентација по само два дена натпреварување, итно беше побарано македонската репрезентација да се врати дома откако организаторите на турнирот оценија дека поради kоронавирусот квалификациите треба да завршат со прекин.

На националните федерации им беше наложено да се вратат дома, некои тоа не можат да го направат поради рестрикциите на аеродромите, таков е случајот со македонската репрезентација.

Љама и Јаневски останаа во Лондон и покрај двата обиди на Боксерската федерација на Македнија да ги врати во татковината, едноставно рестрикциите на државите каде може да се слета ја прават мисијата невозможна. Дозволен е транзит само на државјани од Европската унија а сите околни аеродроми и оние во Европа не дозволуваат транзит.

„Со нашата федерација сме во постојан контакт, прават сè да нè донесат дома. Ни обезбедија двапати вонредни авио билети, прво преку Истанбул, а потоа и преку Солун. Сепак, државите преку кои требаше да транзитираме не дозволија да слетаме во Турција и Грција. Згрижени сме и добро сме, неизвесно е кога ќе се вратиме дома, не зависи од нас и федерацијата. Таква е ситуацијата, сите работат на наше враќање, имаме контакт и со македонската амбасада во Лондон и тие прават сè да ни помогнат. Истото важи и за Министерството за надворешни работи. Засега остануваме во Лондон“, вели Јасин Љама.

Гоце Јанески е оптимист дека набрзо ќе се најде решение и тој и Јасин ќе вратат дома.

„Сè е во ред, трпеливи сме, знаеме дека не е едноставно да дојдеме дома. Благодарни сме на амбасадата на Македонија во Лондон, која прави напори да нè врати дома. Не зависи сè од нив, ниту од Министерството за надворешни работи, Федерацијата е во постојан контакт со нас. Сите работат на нашето враќање дома. Искрено се надевам дека брзо ќе се најде решение, бидејќи федерацијата работи напорно со сите институции да се најде соодветно решение“, изјави Гоце Јанески.

Боксерската федерација на Македонија е во постојан контакт со Амбасадата на Македонија во Велика Британија, а изрази и поддршка за напорите за изнаоѓање на решение. Федерација се заблагодари за помошта од државата, Македонскиот олимписки комитет, кој е во постојан контакт со Меѓународниот олимписки комитет, кој вети секаква поддршка, финансиска и логистичка за македонските боксери во Лондон.