Боксoт во 2025: Се враќа старата слава во Македонија, Рустемовски ѕвезда во подем!

Боксот во Македонија, полека, но сигурна ја враќа старата слава. Овој спорт е се поатрактивен за младите, а годината која што е зад нас ја одбележа боксерот на Пелистерски Јунак, Ален Рустемовски. 

Битолчанецот годинава забележа значајни спортски успеси и ја потврди својата позиција како еден од најперспективните македонски боксерски таленти. Неговите резултати на меѓународната сцена во 2025 година оставија голем траг во македонскиот бокс, и со право Рустемовски го доби приматот на боксерска ѕвезда во подем. 

Еден од најголемите успеси на Рустемовски беше освоениот трофеј на меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг 2025“ во Скопје, каде тој доминираше во категоријата до 60 килограми и со убедлив настап славеше во финалето над англискиот боксер Џозеф Тарнер. 

Во рамките на Европското првенство за млади сениори до 23 години во Ереван, Ерменија, Рустемовски исто така го покажa својот раскошен талент и боксерски квалитет. Тој стигна до финалето во категоријата до 57 килограми и го освои сребрениот медал на ова престижно континентално натпреварување, со што донесе уште еден голем трофеј за македонскиот бокс. 
Покрај овие два значајни настани, Рустемовски настапи и на Светското првенство (ИБА) во Дубаи, каде забележа победа во првата рунда, што му даде дополнително искуство на највисоко ниво на меѓународниот аматерски бокс. 

Со годината исполнета со меѓународни настапи, медали и високи резултати, Ален Рустемовски ја заокружува 2025 како една од најуспешните години досега, поставувајќи солидни темели за уште повисоки цели во наредните светски и европски натпреварувања.

Вториот македонски адут, Адријан Рустемовски, исто така, имаше година за поздрав. На Европското првенство во Ереван, загуби од рускиот боксер Хамзат Матиев со прекин во третата рунда и го освои бронзен медал. Адријан со своите настапи покажа дека може да се носи и со најсилните боксери, а круна на неговата работа годинава беше признанието за најдобар боксер на Меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“ во Скопје.