• Зоран Мишевски
Големата експанзија на битолскиот бокс ќе добие соодветна награда. Во 2025 година градот под Пелистер ќе добие свој дом, откако државата и општината потврдија дека во Битола ќе се гради „Куќа на боксот“.
Тоа ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери и ќе биде изграден на просторот на стариот боксерски клуб, веднаш до стадионот „Петар Милошевски“.
БК Пелистерски јунак е сениорски првак на Македонија, а во младинска конкуренција ја понесе вицешампионската титула. На неодамна завршеното поединечно првенство во Битола, боксерите на овој клуб освоија девет медали, од кои пет златни.
Посебно се истакнува семејството Рустемовски, кое дава пет боксери во медал зоната. Најдобрите од нив се балканските шампиони Ален и Ружди Рустемовски. Најголеми заслуги за развојот на клубот има Јове Петровски, под чија палка овие млади момци секојдневно работат во далеку од идеални услови. Наскоро тие ќе добијат модерен тренинг простор и клупски простории.