• Горан Упале

Џонатан Бенкс, еден од тренерите на Владимир Кличко изјави дека во реванш мечот наредната година, Кличко ќе го уништи новиот светски шампион во тешка категорија Тајсон Фјури.
Најголемото боксерско изненадување за 2015 година го направи британскиот боксер, кога во 12 рунди му ги одзеде четирите светски титули на Кличко. За украинецот пак тоа беше прв пораз во последните 10 години. Кличко веднаш ја искористи клаузата за реванш, кој допрва треба да биде организиран.
„Владимир се има боксовано со големи момчиња во текот на целата кариера, па озборувањата дека мечот го загуби затоа што Фјури беше повисок не се точни. Тоа никогаш не претставувало проблем за него. Кличко има освоено златен олимписки медал против боксер кој беше покрупен од него“, изјави Бенкс.
Средбата помеѓу Фјури и Кличко ќе биде за три од четирите титули кои остануваат во игра, затоа што Меѓународната боксерска федерација му одзеде една титула на Фјури бидејќи тој одби да се сретне со задолжителниот предизвикувач Вјачеслав Гласков.