• Горан Упале

„Имало периоди кога тренирав двапати дневно, а немало човек кој ќе дојде со мене на секој тренинг, да ме мотивира или да ме турка кога ми е најтешко. Сум одел сам и на турнири и на подготовки и сум морал сам да најдам начин да продолжам“, искрено раскажува македонскиот боксерски ас и спортист на Македонија за 2025 година, Ален Рустемовски во интервју за Gol.mk, откривајќи ја другата страна од патот до големите резултати.
Зад успесите на Рустемовски се крие приказна за упорност, пожртвуваност и верба во сопствените можности. Битолчанецот не го добил патот до врвот на подарок, туку морал да помине низ многу предизвици, често без условите и поддршката што му биле потребни. Сепак, токму тешките моменти го направиле посилен и дополнително го мотивирале да продолжи да се бори за своите соништа.
Неговите боксерски почетоци се поврзани со семејството, но вистинската потврда дека може да се носи со најдобрите ја добил во 2023 година, кога за првпат настапувал како сениор.
„Како дете бев многу немирен, но истовремено бев многу добро дете и отсекогаш имав големи амбиции. Првпат почувствував дека боксот може да биде мојот животен пат можеби во 2023 година, кога ми беше прва година како сениор. Тогаш сфатив со какви боксери можам да се носам и покрај условите што ги имав, кога видов колку можам да постигнам со трудот што го вложував. Тогаш сфатив дека ако се вложам уште повеќе и целосно му се посветам на боксот, можам да стигнам до врвни резултати, до оние цели за кои цел живот сум сонувал“, вели боксерскиот ас.
Презимето Рустемовски одамна е познато во боксерските кругови. Неговиот дедо, татко му и чичковците се занимавале со овој спорт, но Ален открива дека на почетокот воопшто не бил свесен за семејната традиција. Дури кога почнал да настапува на турнири низ Македонија, сфатил какво име носи и колкава почит ужива неговото семејство.
„Можеби влијаеше, но не од самиот почеток. Кога почнав да тренирам, јас дури и не знаев дека чичковците, дедо ми и татко ми биле боксери. Едноставно, кај мене се појави желба да тренирам и почнав без да размислувам за семејната историја. По некое време, кога почнав да одам на натпревари низ Македонија, сфатив какво име носам. Постарите тренери, кога ќе го слушнеа презимето Рустемовски, доаѓаа да ме поздрават и да прашуваат за чичковците и дедо ми. Тоа секако ми беше мотивација и сакав еден ден да го продолжам семејното име, но никогаш не чувствував притисок дека морам да бидам како нив. Од почетокот едноставно сакав да успеам и да изградам нешто свое, да постигнам нешто што многу малку луѓе можат да го постигнат во овој спорт“, открива Рустемовски.
Посебно место во неговиот живот има баба му, за која со голема емоција зборува и ја посочува како една од најзаслужните личности за човекот во кој израснал. Нејзината поддршка била важна не само за него, туку и за неговите браќа, а освоените медали за Ален претставуваат и можност да ѝ се оддолжи за сè што направила за семејството.
„За баба ми навистина е тешко да најдам доволно големи зборови. Таа е човекот кој најмногу ми значи и дефинитивно една од најзаслужните личности за човекот што сум денес, како и за успехот на моите браќа. Таа се бореше за сите нас и секогаш беше тука кога ни беше најпотребна.
После двата медали ѝ кажав дека првиот голем сон ми се оствари. Ѝ кажав дека еден ден ќе успеам многу во боксот и дека ќе бидам милионер – тоа ѝ го кажав уште од 2023 година (се смее). Но најважно од сè, секогаш ѝ велам дека сакам да бидам најдобар човек, а не само најдобар боксер“, раскажува македонскиот боксер.
Неговата приказна започнала со тренинзи дома, заедно со татко му, кој имал голема желба Ален и неговите браќа да станат боксери. Подоцна следувале и првите тренинзи во клубот, каде што Александар Најдовски го препознал неговиот потенцијал. Сепак, дури кога почнал да се соочува со квалитетни противници, Рустемовски добил потврда дека може да стигне до големите резултати.
„Се сеќавам на тие моменти како да беа вчера. Трениравме дома со татко ми, кој имаше огромна желба јас и браќата да станеме боксери. Подоцна дојдоа и првите тренинзи во клубот, каде што Александар Најдоски прв го препозна мојот потенцијал. Но моментот кога навистина сфатив дека боксот е нешто во кое можам да успеам беше во 2023 година. Тогаш, и покрај условите што ги имав, видов дека можам да се носам со многу успешни боксери. Тогаш сфатив дека ако продолжам да работам уште посилно, можам да стигнам многу далеку“, се потсетува тој.
Меѓу најзначајните моменти во неговата кариера е победата во четвртфиналето на Европското првенство во Софија. Рустемовски ја издвојува таа борба како посебна, пред сè поради квалитетот на противникот и огромниот напор што го вложил за да стигне до победата.
„Дефинитивно моментот кога ми ја кренаа раката во четвртфиналето на Европското првенство во Софија. Тоа беше најтешката борба во мојата кариера. Дадов повеќе од сè од себе и успеав да победам одличен боксер, кој зад себе имаше големи резултати и на тоа Европско првенство беше еден од главните фаворити. Во тој момент почувствував дека конечно ја добив онаа борба за која толку долго работев. Затоа тој момент секогаш ќе ми остане во глава“, вели Рустемовски.
Но, патот до ваквите моменти не бил исполнет само со победи. Поразот во четвртфиналето на Европското првенство во 2023 година бил еден од најтешките удари за младиот боксер. Тој верувал дека може да освои медал, па дури и злато, а добриот резултат можел да му донесе и подобри услови за продолжување на кариерата. Сепак, разочарувањето не го натерало да се откаже, туку го разбудило неговиот натпреварувачки инает.
„Сум имал повеќе такви моменти. Мислам дека секој спортист во еден момент се прашува дали вреди сето тоа. Кај мене повторно би го издвоил поразот во 2023 година во четвртфиналето на Европското првенство. Тогаш бев сигурен дека можам да стигнам до медал, па дури и до злато. Со тој резултат можев да обезбедам и многу подобра стипендија и услови за продолжување на кариерата. Поразот многу ме погоди. Но, наместо да се откажам, кај мене се разбуди уште поголема желба за успех и еден вид инает. Сакав повторно да се сретнам со истиот боксер и да го победам во рингот, не со зборови. Сакав еден ден да му покажам и на него и на сите дека тој пораз не може да ме запре. Мислам дека токму тоа ме натера да продолжам уште посилно“, истакнува тој.
Токму ваквите искуства го обликувале неговиот карактер. Рустемовски верува дека тешкотиите со кои се соочил во животот му помогнале да стане спортист кој не се откажува лесно и кој во најтешките моменти пронаоѓа дополнителна сила.
„Дефинитивно да. Мислам дека сè што сум поминал ме направи човек кој тешко се откажува. Кога ќе стане најтешко, наместо да застанам, кај мене уште повеќе се буди желбата да дадам сè од себе. Навикнат сум да се борам со различни ситуации во животот и токму затоа и во рингот, кога е најтешко, чувствувам дека можам да издржам уште повеќе. На некој начин, тоа ме исполнува, да знам дека сум дал сè од себе, без разлика на резултатот“, објаснува битолчанецот.
Голем дел од неговиот развој му го припишува и на тренерот Јове Петровски, со кого е заедно уште од детските денови. Нивната соработка со текот на годините прераснала во однос кој ги надминува рамките на спортот, а заедничките искуства создале посебна поврзаност.
„Мислам дека уште од почетокот препозна дека сум упорен, дека сакам да успеам и дека сум подготвен многу да работам за тоа. Но, со текот на годините се создаде и нешто повеќе од однос тренер-боксер. Заедно сме уште од кога бев дете и поминавме многу работи. Ние како боксери имавме и понуди од различни страни, но сепак останавме и имаме некоја посебна поврзаност што ја изградивме низ сите овие години“, открива Рустемовски.
И покрај освоените медали, македонскиот боксер не планира да застане тука. Неговиот најголем предизвик допрва следува, а тоа е обезбедување олимписка норма и настап на Игрите во Лос Анџелес во 2028 година. За оваа цел веќе се подготвува, свесен дека пред него има долг и тежок пат.
„Олимпијадата прво ми беше сон, а сега веќе е моја главна цел. Во 2027 година се првите квалификации и јас веќе почнав да се подготвувам за тој пат. Верувам во себе и сигурен сум дека ќе успеам да освојам норма и да бидам дел од Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. За мене тоа веќе не е само сон, туку цел за која секој ден работам“, порачува тој.
Зад неговите резултати стојат многу часови тренинг, но и периоди во кои морал да се потпира главно на сопствената мотивација. Често тренирал двапати дневно, без постојана придружба и поддршка, а сам заминувал и на турнири и подготовки. Токму затоа, секој освоен медал за него има посебна вредност.
„Мојот пат беше многу тежок, затоа што голем дел од кариерата морав да го поминам сам. Имало периоди кога тренирав двапати дневно, а немало човек кој ќе дојде со мене на секој тренинг, да ме мотивира или да ме турка кога ми е најтешко. Сум одел сам и на турнири и на подготовки и сум морал сам да најдам начин да продолжам. Затоа денес секој медал ми значи подеднакво. За секој од нив сум вложил огромен труд и сум поминал низ многу работи за кои јавноста не знае.
Но, токму затоа сакам мојата приказна да биде мотивација за младите. Сакам да им покажам дека и кога немате идеални услови, не треба веднаш да се откажете. Ако сакате да успеете, мора да продолжите да работите. Дури и кога нема тренер во сала, завршете го тренингот. Кога е најтешко, работете уште посилно. Верувајте во себе и продолжете, затоа што на крајот најмногу вреди кога ќе знаете дека сами сте направиле сè што сте можеле за да стигнете таму каде што сте сонувале“, завршува Ален Рустемовски.
Паралелно со успесите на Ален со медал се закити и неговиот брат Арабел, кој на Европското првенство до 17 години забележа две победи и еден пораз и со тоа обезбеди бронза, негова прва во кариерата на вака големо натпреварување.
„Горд сум на Арабел на освоениот медал од Европското првенство. Но, не само на него туку и на останатите браќа. Сигурен сум дека сите во еден момент ќе блеснат во рингот и ќе ја израдуваат Македонија“, кажа Ален.
За битолскиот боксер, досегашните успеси се само потврда дека е на вистинскиот пат. Неговата приказна е доказ дека големите амбиции бараат жртви, а најважните победи понекогаш се оние што се случуваат далеку од очите на јавноста. Сега пред него е нов предизвик, да го претвори олимпискиот сон во реалност и да го претставува македонскиот бокс на најголемата спортска сцена.