• Горан Упале
Бронзениот медал на Ардијан Аземи, на Европското првенство за младинци, кое минатата недела се одржа во Будва е вистински начин за одбележувањето на половина век од манифестацијата “Златен гонг”.
По тој повод Агенцијата за млади и спорт организираше прес-конференција, на која покрај директорот Наумче Мојсовски, свои обраќања имаа и заменик директорот на АМС Авни Рустеми, претседателот на боксерската федерација Примислав Димовски, и освојувачот на бронзениот медал Ардијан Аземи.
„Паузата во освојување на европски одличја е навистина долга, и од таа причина бронзата на Ардијан влева надеж за враќање на боксот онаму каде што му е вистинското место, на врвот на спортовите во нашата земја, а неговите 17 години се доказ дека популарноста на боксот се враќа кај младите“, истакна Мојсовски.
Тој додаде дека поддршката која Агенцијата за млади и спорт ја обезбедува за Боксерската федерација, како и посветеноста во работата на челниците на федерацијата, на чело со претседателот Примислав Димовски, ќе обезбедат услови за спортување на млади боксери кои еден ден ќе станат: Русески, Мумин, Димовски…
„Наше задоволство е да ги почитуваме младите спортисти, додека како институции гарантираме поддршка за успехот на секој спортист во нашата земја, бидејќи шампиони како Ардијан Аземи и многу други, ја прават нашата земја позната низ целиот свет“, истакна Авни Рустеми, заменик директор на АМС.
Стипендистот на АМС Аријан Аземи изрази благодарност до Агенцијата за млади и спорт, членовите на стручниот штаб, потенцирајќи дека освоениот медал е мотив повеќе за понатамошна посветеност, која ќе биде ставена на тест на претстојното светско првенство закажано за Април 2021 во Киелце.
„Иако боксот во државава имаше поддршка во изминатиов период, резултатите изостануваа, и од таа причина сум посебно горд на освоениот медал на Аземи“, истакна Примислав Димовски, претседател на боксерската федерација.
Тој додаде дека верува во континуирана успешна соработка и со новиот директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.