Анонимна жена го обвини Мајк Тајсон за уште едно силување

Непозната жена го обвини поранешниот боксерски шампион во тешка категорија, Мајк Тајсон дека ја силувал во раните деведесетти, во тужбата поднесена во Њујорк овој месец. Жената, која бара отштета од пет милиони долари, рече дека Тајсон ја силувал во лимузина откако го запознала во ноќен клуб во Њујорк и таа претрпела физичка, психолошка и емоционална траума во годините потоа.

Во изјавата на жената не е даден датум за нападот, само се вели дека тоа се случило на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, практично во исто време кога Дезире Вашингтон рече дека Тајсон ја силувал во Индијанаполис. На 10 февруари 1992 година, Мајк беше осуден за силување и одлежа три години затвор.

Жената во својата изјава рекла дека влегла во лимузината на Тајсон и дека боксерот веднаш почнал да ја допира и да се обидува да ја бакне.

„Неколку пати му реков НЕ и го замолив да престане, но тој продолжи да ме напаѓа. Потоа ми ги соблече панталоните и насилно ме силуваше“, рекла жената.

Таа сака да ја задржи својата анонимност, бидејќи, како што рече, објавувањето на нејзиното име сигурно би претставувало ризик од дополнителна психолошка штета, малтретирање, потсмев и личен срам. Адвокатот што ја застапува рече дека неговата канцеларија не го прифатила тврдењето на жената, туку ги истражила нејзините наводи и утврдила дека се многу веродостојни. Адвокатската канцеларија соопшти дека не може дополнително да коментира за случајот.

56-годишниот Тајсон беше неприкосновен светски шампион во тешка категорија од 1987 до 1990 година, но неговиот живот надвор од рингот беше турбулентен.