Андреевски е нов претседател на бокс федерацијата, УО доби прва жена за член

Вонредното изборно Собрание на Националната Боксерска Федерација донесе нов претседател, откако досегашниот прв човек на Федерацијата Фатон Салиху поради лични ангажмани и презафатеност поднесе оставка на оваа функција.

За нов претседател на Националната Боксерска Федерација официјално е именуван досегашниот прв човек на боксерскиот клуб Куманово 84, Кристијан Андреевски. Андреевски беше едногласно изгласан од  29 клуба кои беа присутни на Собранието и му ја дадоа комплетната поддршка да ја води оваа Федерација.

„Најпрво сакам да ви се заблагодарам за довербата која ми ја дадовте да ја водам Националанта Боксерска Федерација.Како претседател ќе ветам работа, за да боксот го подигнеме на уште поголемо ниво, да имаме квалитет и да направиме резултати со кои сите на крајот ќе се гордеме. Ние како Федерација ќе бидеме Ваш сервис и заедно со Вас ќе работиме во интерес на боксот“, изјави Андреевски во своето прво обраќање по официјалното назначување како претседател на Федерацијата.

Потпретседател на Федерацијата е именуван Оливер Станков претставник од БК Аперкат од Скопје , додека технички секретар ќе биде Бошко Тасиќ од БК Куманово 84. На Собранието исто така беа избрани и членовите на Управниот одбор во кој влегоа Горан Стојковски, Сашо Салтировски, Александар Трифуновски и Никола Ѓорѓиевски кои беа предлог на новиот претседател, додека на предлог од Собранието во Управниот одбор нови членови се Оливер Станков, Насер Харуни, Бобан Блажевски и Радмила Симевска која е првата жена во историјата на Федерацијата во Управниот Одбор.

Во Надзорниот одбор влегоа тројца членови а тоа се Владимир Цекиќ, Јове Петровски и Влајко Стојчевски.