„Али се плашеше само од Тајсон, мислеше дека тој удира како никој друг...“

Тајсон Али

Мохамед Али важи за најголемиот боксер на сите времиња, кој покрај успесите во рингот, беше познат како голем активист за човекови права на афроамериканците во САД.

Во кариерата легендарниот боксер се спротиставил на големи имиња, но се плашел од еден, односно немал голема самодоверба кога замислувал хипотетички судир со него. Се работи за Мајк Тајсон, за кого мислел дека удира како никој друг против кого се соочил.

Тоа го откри неговиот голем ривал Џорџ Форман, кој е поранешен светски првак во тешка категорија.

„Мохамед Али ми кажа кога го прашав: Дали мислиш дека Мајк Тајсон би можел да те победи? Ми потврди дека нема голема самодоверба дека ќе го победи Тајсон. Тој мислеше дека младиот шампион удира силно како никој друг“ , изјави Форман.

Покојниот Али замина во пензија четири години пред Тајсон да стапи на сцена и да завладее со боксерскиот свет. Тој стана најмлад светски шампион во тешка категорија, а поради нокаутите со еден удар достигна слава како никој друг пред него.

Деновиве Тајсон е актуелен поради обидот да се врати во рингот на 53-годишна возраст. Тоа сака да го направи со цел да собере хуманитарни средства и да им помогне на бездомниците.