Ален Рустемовски најуспешен македонски боксер во првиот дел од регионалната лига

Македонските боксери зад себе оставија успешна полусезона во регионалната боксерска лига. Младиот Ален Рустемовски кај јуниорите е единствен со максимален број победи, додека кај сениорите две победи има Илхан Озмен.

Во јуниорска конкуренција настапија четворица македонски боксери. Ален Рустемовски е нашиот најуспешен боксер со три победи од исто толку меча и тоа сите три со нокаут.

Втор наш најуспешен боксер во оваа конкуренција е Ружди Рустемовски, кој од четири борби има три победи, а единствениот пораз го доживеа на поени. Енис Алиу има две загубени борби од исто толку настапи, додека, Леонардо Абази има едан пораз од еден меч.

Во сениорска конкуренција Илхан Озмен е единствен со две победи, извојувани од четири борби додека Дион Лена, Алим Насуфи и Ајхан Озмен имаат по една победа. Без триумф единствено е Оран Јашаровски.

Во генералниот пласман нашиот тим го зазема седмото место со 48 бодови. Следен предизвик за македонските боксери ќе биде турнирот во Марибор, Словенија, кој е закажан за февруари следната година.