Ален Рустемовски најдобар боксер во Загреб, злато и за Наум Стојановски

Македонските боксери Ален Рустемовски и Наум Стојановски освоија златни медали на престижниот меѓународен турнир Гран при Загреб - Меморијал „Јосип Јовиќ“, а Рустемовски беше прогласен и за најдобар боксер на турнирот.

Ален Рустемовски имаше одличен настап во финалето против еден од најдобрите хрватски боксери, Виде Пркачин. Македонскиот боксер доминираше во текот на борбата, а во третата рунда успеа да го испрати својот противник во нокдаун на триесет секунди пред крајот на мечот.

Рустемовски се обиде да ја заврши борбата пред последниот удар на гонгот, но времето не му дозволи, сепак убедливиот настап беше доволен да ја добие победата и дополнително признание како најдобар боксер на целиот турнир.

Златен медал освои и Наум Стојановски, кој исто така прикажа сигурен настап во финалето. По израмнетата прва рунда, македонскиот боксер продолжи со силно темпо и во вториот дел од борбата. По еден прецизен удар, противникот од Италија заработи повреда на левата аркада, по што по лекарска интервенција мечот беше прекинат.