• Мартин Танасковски
Големата награда на Голема награда на Бразил мина во знакот на доминацијата на Априлија, но и во сенка на сериозни организациски проблеми поврзани со патеката. Италијанскиот тим оствари двојна победа на враќањето на Мото ГП во Бразил по повеќе од две децении, но временските услови и оштетувањата на асфалтот значително го нарушија текот на тркачкиот викенд.
Обилните врнежи во деновите пред трката предизвикаа проблеми со подлогата, а ситуацијата кулминираше во саботата, кога на финишот се појави оштетување на асфалтот. Поради тоа, организаторите беа принудени да направат измени во распоредот, што најмногу ги погоди возачите во категоријата Мото2, кои во краток временски период мораа да ги одработат и квалификациите и трката.
Проблемите продолжија и непосредно пред стартот на главната трка, кога беше донесена одлука таа да се скрати од предвидените 31 на 23 круга. Причината првично не беше објаснета, но подоцна беше потврдено дека станува збор за сериозна деградација на патеката, со цел да се обезбедат безбедни услови и доделување на целосни бодови.
Подоцнежните анализи покажаа дека најкритичниот дел од патеката бил меѓу 11. и 13. свиок, каде што возачите имале чувство дека возат по лабава подлога. Дел од нив дури пријавија дека биле погодени од парчиња асфалт што се одвојувале при возењето. Лесни повреди пријавија Алекс Маркес и Алекс Ринс.
Дополнителни реакции предизвика и начинот на комуникација, бидејќи тимовите и возачите биле информирани за скратувањето на трката само неколку минути пред официјалната објава, што значително влијаело врз нивните стратегии.