Жоан Мир иако заврши седми во Валенсија, ја освои титулата во Мото ГП!

Жоан Мир од Сузуки и математички ја освои титулата во Мото ГП, иако денешната трка за Големата награда на Валенсија ја заврши како седмопласиран. За овој тим, трофејот доаѓа по пауза од дваесет години и победата на Кени Робертс Џуниор во 2000 година. 

Победата ја однесе Франко Морбидели од Петронас Јамаха, па на трка пред крајот, Мир е крунисан за светски првак во кралската класа на мотоцикли. 

Втората позиција му припадна на Џек Милер од Прамак, додека на подиумот се пласира и Пол Еспаргаро на својот КТМ. Ринс и Биндер заработија место меѓу петмината најдобри, а пред шампионот Мир заврши и Оливеира. Денес потфрлија фаворитите, Довициозо беше осми, деветти беше Еспаргаро, а десетти Вињалес. Роси заврши 12-ти, додека Квартараро и Зарко не ја завршија трката. 

Младиот Шпанец освои доволно бодови за на последната трка во Валенсија да вози без притисок и со обезбедена титула, која е прва за него во кралска класа, а стана и прв возач со титули во Мото3 и МотоГП.