• Саше Љолес
Возачот на Мекларен, Ландо Норис, ќе стартува 10 позиции поназад во однос на пласманот што ќе го оствари во квалификациите за Големата награда на Белгија, откако неговиот тим направи промена на погонскиот систем.
Казната следува бидејќи Мекларен вгради четврта единица за електроника на погонскиот склоп, со што е надминат дозволениот број компоненти за оваа сезона. Новиот систем, развиен од Мерцедес, носи подобрувања во доверливоста по неколкуте технички проблеми што ги имаа тимовите во текот на шампионатот.
Од Мекларен сметаат дека патеката „Спа-Франкоршамп“ е најсоодветно место за преземање на оваа казна, бидејќи претекнувањето на неа е полесно во споредба со повеќето други патеки. Воедно, тимот подготвува значајни аеродинамички подобрувања кои постепено ќе бидат воведени на трките во Унгарија и Холандија.
Британскиот тим сезонава се соочи со повеќе проблеми со доверливоста. Норис не стартуваше на трката за Големата награда на Кина поради дефект на електрониката, а истиот систем имаше проблеми и во Јапонија, пред целосно да откаже за време на тренингот во Монако.
Тимот очекува четвртата електронска единица да ја користи до крајот на сезоната, со цел да избегне дополнителни казни. За трката во Белгија, Мекларен ќе настапи и со ново задно крило, специјално приспособено за брзата патека во Спа-Франкоршамп.