Зарко и Маркез завршија во болница во Барселона по страшните падови

Жоан Зарко и Алекс Маркез беа пренесени во Универзитетската болница во Барселона по тешките падови за време на Големата награда на Каталонија.

Инцидентот со Маркез се случи кога возачот на Грезини Дукати удри одзади во моторот на лидерот Педро Акоста, кој претходно имаше дефект. Алекс не успеа да го избегне контактот, по што неговиот мотор се занесе кон десната страна.

Во безбедносната зона Маркез ја загуби контролата, а моторот почна неконтролирано да се превртува. Во хаосот, едно од тркалата се откачи и го удри Фабио Ди Џанантонио, кој помина само со болки во прстите.

Во меѓувреме, Жоан Зарко доживеа тежок пад при вториот рестарт на трката. Французинот ја промаши точката за сопирање пред првиот свиок и удри во моторите на Лука Марини и Франческо Бањаја.

Зарко остана да лежи во безбедносната зона, а медицинскиот тим подолго време интервенираше пред да биде пренесен со амбулантно возило. Според првичните информации, постои сомнеж за повреда на левата нога, но засега нема официјална потврда.