• Саше Љолес
Макс Верстапен на најдобар можен начин ја започна и новата сезона во Формула 1, триумфирајќи на првите две трки со голема предност пред ривалите, но во неговиот тим Ред Бул очигледно не „цветаат рози“ и ситуацијата се влошува по скандалот со претседателот Кристијан Хорнер.
Првиот човек на тимот беше обвинет за наводно сексуално злоставување на колешка и сите очекуваа дека ситуацијата ќе се реши пред почетокот на сезоната, но сега има најави дека тој би можел да замине од клубот, заедно со спортскиот директор Хелмут Марко.
Верстапен во неколку наврати изјавуваше дека Марко е најзначајна алка во тимот, а во последниот коментар за „Ф1 Грид“ беше уште подиректен и се закани со заминување ако се промени структурата во управата.
„Хелмут мора да остане. Јас верувам во него и неговите квалитети. Претседателот се најде во непријатна ситуација, но мислам дека тоа веќе е во минатото. Не гледам причина зошто би се правеле драстични промени, но ако почувствувам дека тимот не работи како што работеше досега, јас веднаш ќе си заминам“, кратко изјави Верстапен.
Холандско-белгискиот возач повторно е главен фаворит за титулата во најпрестижниот авто-мото циркус на светот, но дали овие промени би можеле да резултираат со негово заминување од тимот, останува да видиме. Актуелниот договор со Ред Бул е со важност до 2028 година.