Вуков за Gol.mk: Седнувам во Порше, ама никогаш нема да го продадам Југото!

Gol.mk ексклузивно интервју

Македонскиот автомобилизам полека почнува да фаќа ритам и да се враќа во колосек, а еден од претставниците на нашата земја внатре и надвор од нашите граници е Ристо Вуков, или како што популарно го нарекуваат „Рико“.

24-годишниот возач триумфираше во Србија и со своето „Југо“ ја освои титулата, а чека на нов предизвик, тоа е настап на „Гулф 12“ трката во Абу Даби, како и ангажман во нов тим од Италија, каде ќе вози автомобил од марката „Порше“.

Разговара: Мартин Танасковски

Токму последните успеси беа повод Gol.mk да направи интервју со нашиот успешен автомобилист. За старт, тој откри кога првпат имал контакт со автомото спортот и како се развивал како возач.

„Возам од шест години, започнав со картинг и се до денес сум во автоспортот. До 2009 година, кога имав 13 години возев картинг. Таму направив успеси, тоа е школа која е важна за сите возачи. Картингот се користи најчесто како начин на тренинг. Двапати бев шампион на Македонија, двапати вицепрвак на Бугарија, двапати шампион на Југоисточна европска зона. Бев единствен учесник на СП во 2009 година во Италија. Во минатото имав можност да се натпреварувам со сегашни Ф1-возачи, како Гасли и Кубица. За мене тоа беше едно големо искуство и се до денес останав во автомото спортот. Во минатото возев Југо „хибрид“, Пежо 206...“, започна Рико.

Првите успеси во професионалната кариера му беа со автомобилот „Југо“, со кој успеа да дојде до титула во Србија, а исто така да има први места и подиуми на домашната сцена.

„Од 2015 година, па до сега возев Југо „хибрид“ класа. Пет години ми требаа да дојдам до титула во таа класа. За само пет години дојдов до тоа одличје, за разлика од други кои возат 20 години, а уште немаат титула. Оваа година ми беше спротивна во однос на лани, имав среќа за се. Имав осум трки, седум подиуми, a шест победи. Во Македонија дојдов до „четири од четири“ победи. Исто добро ми одеше и во Србија каде имам доста подиуми. Повеќе од задоволен сум, затоа што цел ми беше титулата во Србија и успеав да дојдам до неа. Сега одам неколку скалила погоре“, додава тој.

Автомото спортот во Македонија одредено време беше во мирување, но последната година се одржаа неколку трки и истиот почна да „живее“.

„Фала Богу, после долги години автомото спортот во Македонија се врати на некое почетно ниво. Оваа година имавме четири кружни трки, четири брдски трки, се возеше и добропозната Скопска трка, која иако не е на добра патека, сепак, е добра за публика. Автомото спортот почна да се враќа на ниво. Голема помош даде и Агенцијата за Млади и Спорт, која помогна да се врати овој спорт во колосек. Во иднина планирам и јас да бидам застапен на домашните трки, нема да возам само во странство туку и тука. Кој автомобил ќе го возам не знам, ама како возач сакам да се промовирам и тука“, вели Вуков.

Следната сезона тој ќе вози нова „машина“ - Порше Карера 911, а ќе се натпреварува во ново натпреварување, на престижни патеки во Италија.

„Малку е смешно за некого од Југо да се влегува во Порше, се работи за еден престижен шампионат каде има околу 25 автомобили, сите се еднакви по силата. Мојот има околу 500 коњски сили, сите се заштитени со правила и се исти. Се надевам дека ќе можам да направам успех, сепак, е прва сезона за мене и не можам да ветам многу затоа што се работи за посилен автомобил. Ќе возиме на пример на патеката „Монца“, каде се вози до 300 километри на час, а претходно си возел „Југо“ што одело до 200 километри на час.

Се работи за натпреварување од седум викенди, по две трки. Официјалните тестови ќе бидат пред крајот на април на „Имола“. Првата трка е „Монца“, а потоа следат „Валелунга“, „Имола“, „Мисано“ и „Муџело“, добропознати патеки во Ф1 и МотоГП. „Монца“ и „Имола“ се повторуваат, една од нив ќе биде и ноќна трка. Има добра конкуренција, добро ќе дојдат тие многу извозени кругови. Натпреварувањето е организирано, се се санира многу брзо, што и да се случи“, открива македонскиот возач.

Нов негов тим ќе биде италијански „GDL“, за кој Рико има доста пофални зборови.

„Возам за италијанскиот тим „GDL“, тим кој е искусен и познат во автомото спортот. Има гаража со дваесетина коли, меѓу нив се брендови како Порше и Ламборџини. Се работи за професионалци, се надевам дека ќе имаме добра соработка и добри резултати, па заедно да направиме еден голем успех за сите“, открива Вуков.

Последен предизвик за оваа година за Вуков ќе биде настап во Абу Даби, на престижната трка „Гулф 12“, на која за првпат ќе вози со новиот автомобил „Порше“ и ќе биде ривал со еминентни имиња во автомото спортот, меѓу нив и легендата на МотоГП, Валентино Роси, кој ќе вози за Ферари.

„Се работи за настан на 13 и 14 декември, 12-часовна трка со една пауза од два часа. Се вози шест часа, па следи пауза, па следи нова трка. Ќе настапувам за „GDL“, со автомобил Порше, таму ќе го имам првиот контакт со новото возило и ќе имам шанса повеќе да се запознаам со него. Сакам што повеќе кругови, за поголема самодоверба во себе и во автомобилот. Оваа трка се одржува еднаш годишно, на пример оваа година дел од истата ќе биде Валентино Роси кој ќе вози Ферари. Ќе ми биде чест да се видиме, да се претекнеме на стазата во некој момент. Ми претставува голема привилегија што ќе настапам во Абу Даби“

Пред настапот во Абу Даби, Рико кажа нешто повеќе и за новиот автомобил во кој едвај чека да седне, но истовремено чувствува и мала доза на страв поради големата разлика од она што го возел претходно и она што ќе го вози во иднина.

„Порше Карера 911 ГТ3, тоа е името на мојот автомобил. Има 500 коњски сили, 4000 кубика, се работи за фабричко возило од карбон. Едвај чекам да седнам во него, од една страна, но од друга страна малку и ми е страв затоа што влегувам во нешто ново и супер-брзо. Но, се познавам самиот себе, верувам дека ќе дадам успех на тие тркачки патеки и дека ќе се снајдам добро“, вели тој.

Кои се очекувањата на Ристо Вуков за 2020 година? Прво, најавува промоција на домашно тло, а потоа посакува нови победи.

„Во новата година пред крај на месец февруари очекуваме да следи промоција на тимот на кој ќе го покажеме и автомобилот. Сакаме да ја запознаеме целата македонска јавност што го сака овој спорт што ќе возам. Па, и да се пронајдат спонзорите, затоа што се потребни и средства во автомото спортот. Првите тестови ќе ми бидат во март, а освен трките во Порше шампионатот, ќе возам дома и во Србија. Со кое возило, не знам. Оваа година возев со „Југо“, тоа ќе остане и понатаму, затоа што тоа за мене има големо значење. Се би продал, ама тоа не би го продал, иако влегувам во Порше. Многу сум вложил во него и љубов и труд за да го направиме“, открива возачот.

Со оглед на тоа што дека ќе работи со италијански тим и ќе вози вистински „ѕвер“, го прашавме Вуков дали истиот ќе го донесе во Македонија и ќе ѝ го покаже на домашната публика.

„Ветувам дека на некоја од патеките ќе го промовираме моето Порше. Дали ќе возам ревијално, дали ќе биде само поставено, ќе видиме. За жал, немаме патека која и тоа како ни е потребна на сите. И тоа не само на нас возачите, туку на љубителите на адреналинот. Знаеме што се случува во сообраќајот во последно време, само затоа што сите љубители на адреналинот немаат каде да го направат она што го сакаат. Затоа, јавно апелирам да се почне со изградба на таква патека. Потребно е место кадешто ќе може сите што сакаат да возат, да возат безбедно“, смета Вуков.

За крај, тој имаше и порака до сите што се дел во автомото спортот во Македонија, како и за сите натпреварувачи.

„Секој спорт си има тежина и своја страна. Мора сите да се бориме да го просветлиме автомото спорт. Јас го почитувам секој спорт и го практикувам, но автомобилизмот малку се подзаборави. Сакам сите, почнувајќи од медиумите, па до сите останати, да почнат да ги ценат талентите. Има многу млади картинг возачи, како Богатиновски, Стефановски и ред други млади деца кои сега им е најпотребна таа поддршка. Не смее да се откажеме од тоа што сме го зацртале, еден ден ќе дојдеме до целта која ја сакаме. Тоа важи за сите. Тежок е патот во автомобилизмот, тешко е да напредуваш во тешки услови, ама ако не се откажеш, ако од секој пад гледаш да научиш и да извлечеш нешто добро, сигурен сум дека ќе стигнеш таму кадешто сакаш“, заврши тој.

Престижната трка „Гулф 12“ на која Рико за првпат ќе седне во новиот автомобил е закажана на 14 декември, а истата се вози на познатата „Јас Марина“ на која се возеше последната Ф1-трка од актуелната сезона.