Вуков победи за крај на сезоната и најава за Порше Карера Куп Италија

Ристо Вуков славеше во највозбудливата трка од програмата, на последниот настан во календарската 2019 година во Македонија. Во класата Југо хибрид 1.150ццм3, Рико стартуваше прв, неколку пати имаше промени на челната позиција, но на крајот нашиот натпреварувач финишира во шампионски манир, со огромна предност пред конкуренцијата и ги запечати титулите освоени во Македонија и во Отвореното првенство на Србија.

„Се радувам на бројката натпреварувачи и посетители, на последната трка за 2019 година. Одамна немало ваков настан во Скопје, со волку гости од странство, со ваква масовност и ваков интерес. Полека ги враќаме трките каде што им е местото. Мисијата е исполнета. Победив и во финалниот настап, тоа ми беше огромна желба, да ги израдувам љубителите на автомобилизмот во нашиот главен град.

Сега, на ред е сезоната во Италија, во Порше Карера Куп, со што се надевам дека ќе ја израдувам цела Македонија, со добри резултати и успешна дебитантска година“, рече Рико.

Ристо Вуков уште еднаш најави дека во првите месеци од следната година, неговото Порше 911 од тимот ГДЛ Рејсинг ќе стигне во Скопје, на презентација и промоција пред нашата спортска публика и целокупната јавност.