Возачите со желби да нема жртви, започнува 47. издание на релито Дакар

Започнува 47. издание на најпрестижното и најтешкото рели натпреварување во светот, популарниот Дакар. 

И годинава земја-домаќин ќе биде Саудиска Арабија, а првата етапа ќе се вози од градот Биша. Крајот е предвиден за 17 јануари, кога возачите ќе пристигнат на целта во Шубајтах. Годинешното рели ќе има патека долга 5,210 километри и ќе се вози низ арапскиот полуостров, по песочните пустини и планините на Саудиска Арабија.

Повторно ќе имаме и дводневна маратонска етапа, во која возачите ќе мораат да стигнат до еден од шесте кампови најдоцна до 17:00 часот, по што ќе преспијат и ќе продолжат следниот ден. Оваа етапа е во должина од дури 965 километри и ќе биде една од најтешките во текот на целото натпреварување. 

Апсолутен рекордер на Дакар е Штефан Петерхансел со вкупно 14 титули, од кои осум се со автомобил и шест со мотоцикл. Минатата година титулата замина кај Карлос Сајнц, кој победи во конкуренција на автомобили, додека кај мотоциклистите триумфираше Американецот Рики Брабек, кој вторпат во кариерата се искачи на тронот. 

Конкуренцијата ќе биде збогатена и со деветкратниот рели шампион, Себастијан Леб, а исто така своето учество го пријави и Насер Ал-Атиах од Катар. Релито Дакар е убедливо најтешкото натпреварување на планетата, а тоа се потврдува со дури 33 загинати возачи од првото издание во 1977 година, вклучително и основачот на Релито, Тиери Сабине, кој трагично го загуби животот во хеликоптерска несреќа девет години подоцна. 

Дел од возачите изразија задоволство од огранизацијата и сметаат дека оваа година ќе имаат многу подобри услови за возење, со желба да се избегнат човечките трагедии и несаканите инциденти во текот на натпреварувањето.