Волф: Хамилтон ми олесни кога ми кажа дека оди во Ферари, инаку ќе морав јас...

Луис Хамилтон ги вози последните трки во Формула 1 за тимот на Мерцедес. Се разделува славното дуо кое владееше со овој спорт, а Британецот ќе се проба во болидот на Ферари од следната година. 

Главниот оперативец на германскиот тим Тото Волф зборуваше за моментот кога Луис Хамилтон му открил дека заминува од Мерцедес.

„Кога Хамилтон дојде да ме види, незнаејќи дека јас веќе сум запознат со ситуацијата дека ќе оди во Ферари, беше тешко. Му ја видов болката во него кога се обидуваше да ми каже. Го прашав зошто сега, кога ќе треба да се објави. Тој ми одговори дека веќе информациите протекуваат“, изјави Волф.

Исто така, првиот човек во Мерцедес откри дека Хамилтон го поштедил од незгодна конверзација, бидејќи наводно во тимот секако размислувале да не му го продолжат договорот поради годините.

„Јас ќе морав да го направам тоа. Сепак, тоа ќе беше вистински хорор, како за него, така и за мене“, откри Австриецот.

На местото на седумкратниот светски првак од следната сезона ќе вози младиот талент Кими Антонели.