„Во Италија знаат кој е Иџе, не е лесно да си меѓу најдобрите во лулката на авто-спортот“

Долги години е најдобар автомобилист во Македонија, својата богата и успешна кариера ја круниса со две европски титули во ридско-брзинските шампионати, а Игор Стефановски и во тешката 2020 година нè правеше горди со своите настапи и резултати во ТЦР шампионатот во Италија. 

Популарниот Иџе, и покрај бројните проблеми со пандемијата, собра сили и најде начин како и во 2020 година да ја претставува Македонија на меѓународната авто-мото сцена, а во сезоната која е зад нас повторно запиша одлични резултати и во силната конкуренција се избори за два подиуми и едно прво место. Иџе за Gol.mk открива какво е чувството да се натпреварува во земјата која се води како лулка на авто-спортот, како и за тоа колку е ценет и почитуван од страна на ривалите, но и италијанската авто-мото сцена. 

„Може да се каже дека во Италија се најдобрите автомобилисти, затоа оваа држава се смета за лулка на авто-спортот и има најмногу тркачки патеки. Во радиус од 300 километри имаат четири или пет професионални патеки кои се дел од Формула 1 и Мото ГП. Кон крајот на шампионатот почнаа да доаѓаат и автомобилисти од другите земји, но оваа година главно се натпреварував со Италијанци, бидејќи со пандемијата беше тешко да се патува од земја во земја.

Тие нè знаат и знаат со кого си имаат работа. Јас неколку години наназад се натпреварувам во овој шампионат, не комплетно на сите натпревари, но кога се натпреварувам постигнувам одлични резултати. Имаме голем број на симпатии, не само обични луѓе (оние што гледаат и навиваат) туку и од самите натпреварувачи. Нè ценат и мило ми е што еден Македонец, од мала земја, има голем респект во Италија, од сите љубители на авто-спортот, но и од големите луѓе кои се дел од тоа опкружување“, вели Иџе. 

Комплетното интервју на Gol.mk со нашиот најдобар автомобилист во кое ни открива за своите идни планови, за проблемите со кои се соочува со години, за големите успеси..., ќе го прочитате во текот на следната седмица.