Вињалес падна во последниот круг и му ја подари победата на Маркез

Markez

Актуелниот Мото ГП шампион, Марк Маркез, не престанува со победите, и покрај тоа што одамна ја обезбеди шампионската титула.

Утрово тој го доби шпанскиот дуел со Маверик Вињалес и оствари нов триумф на патеката „Филип Ајланд“ во Австралија. Возачот на Јамаха покажа одлични квалитети и до последниот круг беше во конкуренција за првото место.

На крај, една грешка го чинеше Вињалес пласман на пиедесталот. Во обидот да го престигне големиот ривал, тој падна и не ја заврши трката.

Тоа му овозможи на Кајл Крачлоу да ја освои втората, а Џек Милер третата позиција. 

Разочарувачки беа резултатите на двата возачи на Дукати, Андреа Јаноне и Андреа Довициозо, како и пласманот на осмото место на легендарниот Валентино Роси.