Ветеранот Еспаргаро најбрз на квалификациите во Барселона

Возачот на Априлја, Алес Еспаргаро ја освои пол-позицијата за Големата награда на Каталонија, откако го забележа најбрзото време на квалификациите во Барселона, благодарение на кругот од 1:38.190 минути.

Човекот кој неодамна најави дека ќе се пензионира на крајот на сезоната постави нов рекорд на патеката каде што израсна и со тоа ја освои првата пол-позиција во тековната сезона.

Второто место го зазеде актуелниот шампион Франческо Бањаја, кој беше за 0,031 секунда побавен од Шпанецот. Првиот стартен ред го заврши Бред Биндер, кој заостана 0,144 секунди.

Четвртото место му припадна на дебитантот Педро Акоста, кој во еден момент дури и го имаше најбрзото време. Вториот стартен ред го комплетираат Фабио Ди Џанантонио за VR46 и асот на Прамаков, Хорхе Мартин.