• Сашо Поповски

Макс Верстапен победи на првата трка одржана во Мајами, на која успеа да слави пред двата болиди на Ферари. Бранителот на титулата во Формула 1 шампионатот ги издржа сите напади и ја запиша третата сезонска победа. По трката изјави дека беше исклучително тешко да се стигне до овој резултат.
„Ова беше неверојатно. Трката беше физички напорна, но ја одржавме возбудата до самиот крај. Неверојатно сум среќен за победата во Мајами, ова беше неверојатна недела за нас“, рече Холанѓанецот.
Неговиот голем ривал во трката за титулата, Чарлс Леклер, се задоволи со второто место, иако стартуваше од пол-позицијата.
„Ова беше тешка трка во физичка смисла. Малку се мачевме на средно тврди гуми, па Ред Бул нè претекна и тоа ни отежна доста. Бевме многу конкурентни на тврди гуми и мислев дека ќе успеам да стигнам до Макс до крајот, но вечерва тие имаа предност, подобро темпо од нас“, рече возачот од Монако.
Следната трка се вози на 22 мај за Големата награда на Шпанија.