Верстапен: Шест дена тестирање е здодевно, новиот болид има многу промени

Макс Верстапен се појави на промоцијата на новиот болид на Ред Бул „RB16B“, со коj ќе се натпреварува во новата сезона на Формула 1.

Холандскиот ас, кого многумина го гледаат како главен ривал на Луис Хамилтон во новата сезона, зборуваше за болидот што ќе го вози во текот на 2021 година.

„Секако дека постојат разлики во споредба со минатата сезона. Претежно на долниот дел, односно на подот. Некои работи се преместени од таму и тоа ќе влијае многу. Ова се први впечатоци. Ќе ја добијам вистинската слика кога ќе започнеме со тестирање. Овој пат ќе тестираме само три дена, а не шест како минатата сезона. Тоа беше досадно. Мислам дека и три дена се доволен период за да се запознам со мојот нов болид“, рече Верстапен.

Холанѓанецот заедно со својот клупски колега Серхио Перез ќе имаат три дена тестирање на новиот болид, пред првата трка во Бахреин на 28 март.