Верстапен: Ова е анти-возење, секој ден размислувам за повлекување!

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, повторно ја отвори темата за својата иднина во Формула 1, признавајќи дека сериозно размислува за можен крај на кариерата.

Холандскиот ас, кој е четирикратен светски шампион, не крие дека не е целосно задоволен од насоката во која се движи спортот, особено со новите правила што стапуваат на сила во наредните сезони. Токму тие промени, според него, влијаат на уживањето во возењето.

„Немам повеќе простор за уживање. Не е важно дали ќе завршам прв, седми или осми. Ова е анти-возење, спортот го менува својот лик. Не сум задоволен, размислувам за повлекување со секој изминат ден“, рече Верстапен. 

Верстапен истакнува дека сака да ужива во трките и дека доколку тоа чувство исчезне, не гледа причина да остане во Формула 1 по секоја цена. Дополнително, тој не ја исклучува можноста да се посвети на други форми на мотоспорт или приватни проекти.

Иако има важечки договор со Ред Бул, јасно е дека неговата иднина ќе зависи од тоа како ќе се развива шампионатот и дали ќе продолжи да го мотивира.