Верстапен освои пол-позиција во Имола и се израмни со легендата Сена

Шампионот на Формула 1, Макс Верстапен, осми пат во низа ќе тргне од првата стартна позиција и со тоа се израмни со легендарниот Аиртон Сена. Овојпат Холанѓанецот и покрај проблемите кои ги имаше на тренинзите успеа да се избори за пол-позиција.

Верстапен извозе доминантно во третиот круг на квалификациите и со време 1:14,746 ја победи конкуренцијата. Зад него ќе стартува дуото од Мекларен. Оскар Пиастри задоцни само 0,074, додека Ландо Норис беше за 0,091 секунди побавен. По нив следеа возачите на Ферари кои имаа солидни тренинзи, четврти ќе стартува Леклер, а петти Саинц. 

Во топ десет имаше место уште за Расел, Цунода, Хамилтон, Рикиардо и Хулкенберг, а рана елиминација доживеа Фернандо Алонсо кој често излетуваше викендов. 

Трката за Големата награда на Емилија Ромања се вози в недела во 15:00 часот.