Верстапен објасни зошто мисли дека Хамилтон заслужи повисока казна

Макс

Холанѓанецот Макс Верстапен не може да се помири со инцидентот на „Силверстоун“, кој го остави без пласман и му ја намали разликата на врвот во генералниот пласман.

Возачот на Ред Бул уште еднаш објасни зошто смета дека неговиот ривал Луис Хамилтон заслужи повисока казна, од десетте секунди кои му ги доделија стјуардите на трката за ГН на Велика Британија.

„Се борев долго време, се бранев цврсто, но не агресивно, бидејќи ако беше агресивно, можев да го турнам или да го притиснам во внатрешниот ѕид. Но, јас му дадов простор, а потоа само го отворив својот агол. Кога нема да се повлечете, како што направи тој, очекувано е да се судрите со болидот до вас при таа брзина. Јас сум однадвор, го отворам аголот и не очекувам дека тој ќе притисне да ме претекне, а тој влезе во задниот дел на мојот болид. Десет секунди се премалку и не значат ништо за таков инцидент. Затоа мислам дека казната требаше да биде поголема“  , изјави 23-годишникот.

Унгарија е следната дестинација на Формула 1 шампионатот. Фановите со нетрпение го очекуваат новиот дуел меѓу Верстапен и Хамилтон.