• Саше Љолес

Макс Верстапен влегува во завршницата од сезоната со јасна цел - да стигне до барем една победа во преостанатите трки во шампионатот во Формула 1.
Возачот на Ред Бул во досегашниот дел од сезоната забележа повеќе пласмани на подиумот, но сè уште не успеа да се искачи на највисокото скалило. Токму затоа, четирикратниот светски шампион сака годината да ја заврши со триумф.
„Во последно време имаме многу пласмани на подиумот, но сакам да победам. Тоа е причината поради која сум тука. Се приближуваме, па се надевам дека во некој момент ќе успееме. Би сакал оваа година да победам барем на една трка“, изјави Верстапен.
Холанѓанецот по трката во Баку повторно заврши на втората позиција, со само 0,196 секунди заостанување зад Џорџ Расел од Мерцедес. Тоа беше негов четврти второпласиран финиш во последните осум трки.
Верстапен воедно се соочува со можност првпат по дебитантската сезона во 2015 година да заврши една сезона без ниту една победа. Сепак, тој нагласува дека моменталниот фокус на Ред Бул не е борбата за шампионската титула, туку подобрувањето на болидот.
„Не се бориме за шампионската титула, па за нас ова е голем процес на учење. Сепак, последните неколку викенди беа многу подобри во споредба со почетокот на сезоната“, додаде возачот на Ред Бул.
Верстапен во моментов е шестопласиран во генералниот пласман. Има 163 бода, или 139 помалку од лидерот Кими Антонели.