• Иван Димовски

Трката за Големата награда на Бахреин ќе тргна со прв стартен ред на шампионскиот тим од минатата сезона. Макс Верстапен беше најбрз на квалификациите, а во чекор го следеше неговиот тимски колега Серхио Перез, пред двајцата возачи на Ферари.
Холанѓанецот кој е двократен шампион во низа го сочува најдоброто за крај. Во текот на квалификациите возеше скромно, за на крајот да го покаже вистинскиот сјај и да освои нова пол позиција со време од 1:29.708, минимално побрзо од Серхио Перез.
Ферари се реши за поинаква стратегија. Шарл Леклер не тргна во втор обид во главниот дел на квалификациите, со што загуби една позиција, но остави еден сет меки пневматици за утрешната трка. Зад него се пласира тимскиот колега Карлос Саинц, додека одличниот Фернандо Алонсо е „најдобар од останатите“.
Зад Шпанецот во топ десет финишираа Расел, Хамилтон, Строл, Окон и Хулкенберг. Трката во Сакир се вози утре во терминот од 16:00 часот.