Верстапен најбрз и во Џеда, тинејџерот на Ферари одушеви на своето деби

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи на втората трка од новата сезона во Формула 1 која што се возеше за Големата награда на Џеда во Саудиска Арабија.

Светскиот шампион на тој начин ја потврди својата апсолутна доминација, откако пред една недела во Бахреин победи лесно, доминантно, како и во целата претходна сезона. Денес ја забележа 56. победа во кариерата, а ова беше деветта последователна победа за Ред Бул во Формула 1 шампионатот.

Втор на целта стигна Серхио Перез и со тоа го комплетираше триумфот на „биковите“ во Џеда, додека третото место го зазеде адутот на Ферари, Шарл Леклер. Одличен резултат постигна вториот пилот на Ферари, тинејџерот Оливер Берман, кој во последен момент скокна во пилотската кабина наместо Карлос Саинц, на кој итно му беше извршена операција - и го зазеде седмото место во конечниот пласман. Ова беше прва трка за Берман во најсилната конкуренција.

Берман дебитантското возење во друштво на најдобрите ќе го памети додека живее и фактот дека зад себе ги остави повеќекратниот светски шампион Луис Хамилтон, како и Ландо Норис, Нико Хулкенберг, Валтери Ботас и други далеку поискусни пилоти. Следната трка во „најбрзиот циркус“ се вози во Австралија.