• Иван Димовски
Луис Хамилтон имаше катастрофална прва сезона со Ферари. Иако не тргна лошо, победи една спринт трка и делуваше брзо, проблемите почнаа. Откако имаше неколку проблематични трки, целата атмосфера околу Британецот беше во најмала рака чудна, а тоа влијаеше и на неговиот перформанс.
Интересно е дека дури и неговиот поранешен најголем ривал Макс Верстапен изјави дека го боли срцето за формата на Хамилтон.
„Срцето ме боли кога го гледам Луис Хамилтон и неговата сезона во Ферари. Немаше добра година, може да се забележи тоа буквално во секој сегмент. Не беше убаво да се види таков Хамилтон. Не знам дали би се откажал да бев на негово место. Тој продолжува, ќе биде тука и следната сезона“, прокоментира Верстапен.
Оваа сезона Хамилтон ја заврши на шестото место во шампионатот и освои 156 бодови, додека неговиот тимски колега Шарл Леклер имаше 242.