Верстапен ќе тргне прв во Австралија, Саинц ги надмина проблемите и извозе одлични квалификации

На третата трка во сезоната на Формула 1, одново без промени на врвот и Макс Верстапен освои нова пол позиција. На квалификациите за трката за Големата награда на Австралија, Холанѓанецот забележа најдобро време и ќе тргне прв в недела. 

Светскиот првак, иако досега во викендот на тренинзите и првите сегменти во квалификациите немаше најдобри времиња, на крајот кога беше најважно извозе круг 1:15,915. Верстапен ја остави конкуренцијата зад себе и забележа 35-та пол позиција во кариерата, во обид да дојде до 57-та победа. 

На второто место се пласира Карлос Саинц. Шпанскиот возач на Ферари, кој неодамна имаше операција на слепото црево, воопшто не знаеше како ќе му тече викендот и дали ќе може да одговори на предизвикот, ама извозе одлично во квалификациите и обезбеди прв стартен ред. 

По него следат Серхио Перез, Ландо Норис, Шарл Леклер, Оскар Пиастри, Џорџ Расел, Јуки Цунода, Ленс Строл и Фернандо Алонсо.