Верстапен ја исполни целта, петтото место доволно за четврта титула во низа!

Трката за Големата награда на Лас Вегас понуди разврска на сезоната во Формула 1, барем во поединечна конкуренција на возачите, бидејќи Макс Верстапен ја одбрани титулата и четврти пат во низа е првак. 

Холанѓанецот имаше јасна цел, да го задржи зад себе Ландо Норис и математички пред последните две трки да се ослободи од притисокот. Макс успеа во тоа, во една турбулентна сезона во која иако не победуваше многу често како во минатите, покажа маестрални трки и перформанси за одново да биде крунисан шампион. Верстапен беше и емотивен по крајот на трката, што дополнително отсликува колку тешка сезона имаше зад себе. 

Што може подобро да ја отслика перфектната сезона од навивачка гледна точка, ако не дури седмиот возач кој дојде барем до втора победа. Џорџ Расел доминантно победи на трката во Лас Вегас, а перфектниот викенд за Мерцедес го комплетира Луис Хамилтон за нова „еден-два“ победа. 

Третото место му припадна на Карлос Саинц кој заврши пред тимскиот колега Шарл Леклер. Следеше Верстапен пред дуото на Мекларен, Норис и Пиастри, а бодови освоија уште Хулкенберг, Цунода и Перез. 

Верстапен ја обезбеди титулата во возачка конкуренција, додека во последните две трки ќе се води битка за конструкторскиот трофеј. Мекларен е тука и натаму водечки и има 24 бода повеќе од Ферари, па ќе биде навистина интересно.