• Мартин Танасковски
Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) воведува нов технолошки систем во претстојната сезона од Формула 1, со цел да ја зголеми ефикасноста и прецизноста при донесувањето судиски одлуки. Станува збор за технологија налик на видео-асистент судија, која ќе ги следи болидите во реално време додека се движат по патеката.
Новиот систем, наречен ЕКАТ, ќе биде фокусиран особено на ситуациите во свиоците, каде што најчесто доаѓа до излегување надвор од дозволените граници на патеката. Со неговата примена ќе се укине досегашната практика на рачно прегледување на спорните ситуации од страна на судиите, што честопати одземаше значително време и предизвикуваше дополнителни дебати.
Прашањето за почитување на границите на патеката со години претставува чувствителна и контроверзна тема во светот на Формула 1. Во изминатите сезони беа забележани бројни случаи, особено за време на квалификациите, кога возачите ги преминуваа белите линии во свиоците во обид да добијат подобро време. Таквите прекршувања резултираа со поништување на круговите и изрекување казни, што често влијаеше врз стартниот редослед и текот на трките.
Со воведувањето на ЕКАТ-системот, процесот на детектирање на прекршувањата ќе биде значително автоматизиран. Федерацијата ќе им доставува на тимовите автоматски генерирани фотографии од секој констатиран прекршок на нивните возачи, што ќе овозможи побрза комуникација и намалување на можноста за човечка грешка. Покрај забрзувањето на постапката, се очекува и зголемена точност во носењето одлуки, со што ќе се намали просторот за контроверзии.
Примената на оваа технологија ќе започне уште од првата трка во новата сезона, на Големата награда на Австралија, со што Формула 1 прави уште еден чекор кон целосна дигитализација и модернизација на спортот.