Трката за ГН на Австралија во Мото ГП од следната година на нова адреса

Австралија од следната година ќе добие нова патека за трката во МотоГП шампионатот, бидејќи Аделаида ќе го замени Филип Ајленд како домаќин на Големата награда на Австралија.

Премиерот на Јужна Австралија, Питер Малинаускас, ја претстави симулацијата на новата улична патека во Аделаида, која ќе биде дел од календарот на МотоГП од 2027 година. Проектот треба да биде завршен до ноември 2027 година, а изградбата ќе чини околу 96 милиони австралиски долари, односно приближно 60 милиони евра.

Новата патека ќе биде изградена на просторот каде што до 1995 година се возеше Големата награда на Австралија во Формула 1. Конфигурацијата ќе биде долга 4,13 километри и ќе има 15 свиоци. Во новата патека ќе бидат вклучени и преработени делови од старата конфигурација, меѓу кои „Stag Corner“, „Rundle Road“ и „Brewery Bend“.

Симулациите покажуваат дека МотоГП моторите на најбрзите делови ќе достигнуваат околу 343 километри на час, додека времето за еден круг се очекува да биде околу една минута и 26 секунди. Од вкупната инвестиција од 96 милиони австралиски долари, 15 милиони ќе бидат издвоени за мерки за обновување на живеалиштата и зелените површини, вклучително и подрачјето околу реката Торенс.