Трката во Мајами е под ризик, во САД влијаат посебни спортски правила

Невремето сериозно се заканува да ја наруши трката за Големата награда на Мајами во Формула 1, откако прогнозите најавуваат голема веројатност за дожд и грмежи во текот на неделата. Според информациите, за денот на трката постои 88% шанса за врнежи, како и 53% веројатност за грмежи, што претставува најголем проблем за организаторите и тимовите.

Причината е јасна, според американските безбедносни правила, секој голем спортски настан на отворено мора да биде прекинат доколку постои ризик од гром. Во таков случај, медицинскиот хеликоптер не смее да полета, а присуството на публика се смета за небезбедно. Тоа значи дека дури и без поплавена патека, трката може да биде стопирана со црвено знаме, а болидите повлечени во бокс.

Дополнително, за трките во Мајами, Остин и Лас Вегас важи посебно правило. Во случај на прекин поради невреме, тимовите имаат дозвола да ги внесат болидите во гаража и да работат на нив, наместо да останат во пит-лејн на отворено.

Според регулативата на ФИА, прекинот се спроведува согласно член 57 од спортскиот правилник. Болидите се враќаат во боксовите, а потоа добиваат инструкции да бидат внесени во гаражите.