Трета победа за Квартараро, нов пад на Валентино Роси во Мото ГП

Фабио Квартараро стигна до третата сезонска победа, откако беше најбрз на трката за Големата Награда на Каталонија, деветтата трка во Мото ГП шампионатот. 

Францускиот возач од Петронас Јамаха стартуваше од втората позиција зад Морбидели, но извозе одлично и без грешка па заслужено стигна до нова победа во кралската класа на мотоцикли. 

Зад себе, Квартараро го остави дуото од Сузуки, Џоан Мир и Алекс Ринс, додека Морбидели кој имаше пол-позиција на стартот беше дури четврти. Петтата позиција му припадна на Џек Милер, кој го потврди сигурното возење од вчерашните квалификации кога беше четврти. 

Ветаранот во Мото ГП, Валентино Роси одново немаше среќа и доживеа нов пад, па не успеа да го материјализира третото место од квалификациите во Барселона. Освен Роси, трката не ја заврши ниту лидерот Довициозо, како и Зарко и Еспаргаро од фаворитите.