• Мартин Танасковски
Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, ја освои победата на трката за ГН на Австралија со која официјално започна новата, 77. сезона во шампионатот на Формула 1. Британскиот возач триумфираше на патеката Алберт Парк во Мелбурн и ја запиша шестата победа во својата кариера.
Расположениот Расел имаше одлично издание од почетокот до крајот на трката и успеа да ја задржи контролата во клучните моменти, што му овозможи да стигне до максималните 25 бодови на отворањето на сезоната. Со оваа победа, Мерцедес доби силен старт во новиот шампионат и најави сериозна борба за врвот на табелата. Второто место му припадна на неговиот тимски колега, младиот италијански возач Андреа Кими Антонели, кој со стабилно и сигурно возење обезбеди значајни 18 бодови за тимот. Така, Мерцедес успеа да ја започне сезоната со двојна победа, што претставува одличен резултат за германскиот тим.
На третото место се пласираше возачот на Ферари, Чарлс Леклерк, кој успеа да обезбеди место на подиумот и да освои 15 бодови. Неговиот тимски колега Луис Хамилтон ја заврши трката веднаш зад него, на четвртата позиција. Петтото место му припадна на актуелниот шампион во шампионатот, возачот на Мекларен, Ландо Норис, додека шестата позиција ја освои четирикратниот светски шампион Макс Верстапен од Ред Бул.
Седмото место го освои возачот на Хас, Оливер Бермен, додека во зоната на бодови се најдоа и Арвид Линдблад од Рејсинг Булс, Габриел Бортолето од Ауди и Пјер Гасли од Алпин. По првата трка од сезоната, Расел се наоѓа на врвот на генералниот пласман со 25 бодови, пред Антонели со 18 и Леклер со 15 бодови.