Тод: Ја гледав трката за ГН на Бразил заедно со Михаел Шумахер

Великанот во Ф1-спортот, Михаел Шумахер, пред неколку години доживеа несреќа на скијање, а за неговата здравствена состојба не се знае многу. Еден од луѓето кои имаат дозвола да го посетуваат е Жан Тод, некогашниот шеф на Ферари, кој во интервју зборуваше за легендата.

Тод, кој доби награда за животно дело во автомото спортот, истакна дека ја следел трката за ГН на Бразил оваа сезона заедно со Михаел Шумахер, но не откри повеќе за неговата состојба.

„Секогаш сум внимателен кога зборувам со новинарите на оваа тема, затоа што знам какви се. Но, можам да откријам дека ја гледав трката за ГН на Бразил заедно со Михаел. Ми доаѓаат солзи кога зборувам на оваа тема. Насекаде во мојот стан се неговите фотографии. Времето со него ми е најдоброто во животот. Го посетувам двапати месечно. Во контакт сум со неговото семејство. Би сакал ситуацијата да е поинаква, но...“, изјави Тод.

Тод и Шумахер соработуваа во Ферари од 2000 до 2004 година и успеаја да го донесат тимот до самиот врв во најбрзиот автомото спорт.