• Мартин Танасковски
Екипата на ВР46 го претстави изгледот на својот нов мотоцикл за претстојната сезона во Мото ГП шампионатот, на специјален настан одржан во Рим.
За тимот основан од легендарниот Валентино Роси, ова ќе биде петта сезона во кралската класа, а новиот дизајн носи забележлива визуелна еволуција во однос на претходните години. Овојпат доминира поинтензивна флуоресцентна жолта боја, комбинирана со црни детали, што го доближува изгледот до иконската естетика по која е препознатлив деветкратниот светски шампион.
Додека во изминатите сезони мотоциклите беа во жолто-бела комбинација, од таборот на ВР46 новиот концепт го опишаа како „црно и светло“, симболизирајќи агресивност, енергија и модерност. Промени претрпеа и комбинезоните на возачите, кои сега се дизајнирани во впечатлива поделба, половина жолти, половина црни, со што се заокружува визуелниот идентитет на тимот за 2026 година.
Боите на ВР46 и во новата сезона ќе ги бранат Фабио ди Џанантонио и Франко Морбидели. Новата сезона во Мото ГП шампионатот официјално ќе започне со Големата награда на Тајланд, која ќе се вози во периодот од 27 февруари до 1 март.