• Мартин Танасковски
Светскиот шампион во Формула 1, Ландо Норис, откри дека имал можност да го напушти Мекларен пред да стави потпис на новиот договор со кој се обврза на верност кон британскиот тим до 2030 година.
Норис и Мекларен на 29 август официјално ја потврдија продолжената соработка, а новиот договор ќе значи дека Британецот ќе остане дел од тимот повеќе од една деценија. Веста дојде само неколку дена откако и Макс Верстапен потпиша долгорочен договор со Ред Бул, со што две од најпосакуваните места во Формула 1 практично се резервирани за подолг период.
Сепак, за разлика од Верстапен, за кого немаше многу реални алтернативи и покрај претходните разговори со Мерцедес и Мекларен, Норис призна дека навистина имал можност да ја промени средината.
„Секако дека постоеше таква можност. Но, тоа беше позитивна можност. Понекогаш имате шанса да ризикувате. Јас сум возач кој повеќе би прифатил една или две потешки години отколку веднаш да дојде до успех исто како што направив со Мекларен пред неколку години. Колку и да сакам да победувам секоја сезона, не значи дека мора веднаш утре да бидам во тимот што ќе ја освои следната трка“, изјави Норис во разговор со Мартин Брандл.
Актуелниот шампион не ја затвори ниту вратата за евентуален трансфер во иднина, а особено интерес предизвика фактот што не ја исклучи можноста еден ден да седне во болидот на Ферари по истекот на актуелниот договор.