• Мартин Танасковски
Актуелниот светски првак во кралската класа Хорхе Мартин ја освои својата втора спринт победа сезонава во Мото ГП, со победа на кратката трка во Ле Ман по фантастичен старт.
Актуелниот светски шампион стартуваше од средината на третиот ред, но успеа веднаш да се пробие на лидерската позиција. Возачот на Априлија потоа наметна темпо што никој не можеше да го следи и сосема заслужено стигна до нов триумф. Втор заврши освојувачот на пол-позицијата Франческо Бањаја со Дукати. Италијанецот во раната фаза се најде зад Мартин и тимскиот колега на Шпанецот, Марко Бецеки, но ја искористи грешката на Италијанецот во седмиот свиок од третата обиколка за да се искачи на второто место. За Марко Бецеки остана третата позиција, што е негов најдобар спринт резултат оваа сезона.
Четвртото место му припадна на Педро Акоста, кој во завршницата беше подобар од домашниот фаворит Фабио Квартараро. Во зоната на бодови завршија уште Жоан Мир, Аи Огура, Алекс Маркез и Диого Мореира. Големо разочарување доживеа Марк Маркез. Шпанецот се движеше на седмата позиција, но падна во претпоследниот круг и остана без бодови, со што ја продолжи турбулентната сезона и покрај одличните квалификации и рекордниот круг на патеката Бугати.
Во генералниот пласман лидер останува Марко Бецеки со 108 бодови, шест повеќе од Хорхе Мартин. На третото место се искачи Педро Акоста со 72 поени.