Судир кој ја заледува крвта: Хорор на Акоста и Маркез (ВИДЕО)

Педро Акоста и Алекс Маркез имаа страшен судир кој ја заледува крвта. Најважната вест по тешкиот инцидент на трката за Големата награда на Каталонија е дека сите возачи, вклучувајќи го и Маркез, се свесни.

Несреќата се случи по драматичен момент во борбата за првото место меѓу Акоста и Маркез. Во 12. круг пукна задната гума на моторот на Акоста од КТМ, по што младиот Шпанец нагло забави. Во тој момент дојде до страничен контакт со мотоциклот на Грезини Дукати на Алекс Маркез, кој се движеше со полна брзина.

Маркез првично успеа да ја задржи контролата, но излета на тревата, а потоа се врати на бетонскиот дел покрај патеката и ѕидот, каде следуваше тежок пад што ги шокираше сите присутни и гледачите покрај малите екрани.

Режијата на МотоГП не ги повторуваше забавените снимки од инцидентот, додека се чекаа информации за состојбата на возачот. Снимките повторно беа прикажани дури кога беше потврдено дека е избегнато најлошото.

Во инцидентот за малку настрада и Фабио Ди Џанантонио, кој налета на остатоците од моторот на Маркез и заврши на асфалтот. Во моментов сè уште се очекуваат официјални информации за евентуалните повреди на Алекс Маркез.