Стартува новата ера во Формула 1: Кој ќе се снајде најдобро?

Дојде време за стартот на новата сезона во Формула 1, а во неа се влегува во уште една нова ера. Освен што целосно се изменети болидите и нивното функционирање, на гридот од оваа сезона ќе имаме 11 тима, а два возачи повеќе ќе значат и повеќе шанси за возбудувања.

Со влегувањето на Кадилак во спортот, тимот одбра искуство и ги ангажира Серхио Перез и Валтери Ботас за свои возачи. Покрај тоа, новитет е и Ауди кој го презеде Заубер и тргнува во нова ера, но без возачки промени (дуото е Хулкенберг-Бортолето). Во Формула 1 и оваа сезона ќе има новајлија, бидејќи машинеријата на Ред Бул исфрли уште еден свој возач. За Рејсинг Булс ќе се трка британскиот возач Арвид Линдблад. Во останатите тимови на гридот нема промени и сите возачи останаа на своите позиции. 

Што се однесува до распоредот на силите, веројатно е прерано да се предвидува. Според неофицијалните информации од претсезоната, делува дека Мерцедес заврши голема работа и го погоди стартниот концепт. Нешто зад нив се очекува да бидат Мекларен, Ред Бул и Ферари. Титулите ги брани британскиот „папаја“ тим, бидејќи Мекларен беше шампион кај конструкторите, а Ландо Норис во конкуренцијата на возачите во драма која траеше до последната трка. 

Ако се исклучат претсезонските тестирања кои често може да бидат нерелевантни, денес во Мелбурн се одржаа и официјалните тренинзи. На првиот најбрзи беа возачите на Ферари, Шарл Леклер имаше време од 1:20,267, а Луис Хамилтон имаше задоцнување од 0,469 секунди пред дуото на Ред Бул. На вториот тренинг најбрз беше Оскар Пиастри со време 1:19,729, додека по него следуваа возачите на Мерцедес.