Станковиќ и Бузалковски од Ендуро Тим Водно најдобри во Крушевац и Серес

Клубот МК Ендуро Тим Водно изминатиот викенд учествуваше на две натпреварувања на Балканот, а на истите забележа неколку одлични резултати. Младиот натпреварувач Христијан Бузалковски се натпреваруваше во две класи  (СП125 и Ф600), во Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам, кој се одржа во Серес, Грција. 

На квалификациите во класата Ф600 обезбеди фантастично трето време во конкуренција на 22 возачи. За жал на првата трка неговиот мотоцикл се расипа, па тој беше приморан да влезе во боксот. И покрај обидите на механичарите Бузалковски не успеа да го оспособи мотоциклот и првиот викенд во класата F600 за жал го заврши без пласман.

Во класата SP125 на првата трка стартуваше одлично и направи предност од една секунда, но по удар во асвалтот шалтерот за менување му се искриви, па мораше да менува брзини со рака. На крајот на првата трка сепак и покрај проблемите со мотоциклот заврши на втората позиција. На втората трка Македонецот возеше одлично, без никакви проблеми и заслужено ја забележа првата победа во сезоната.

Во категоријата мотокрос, Ендуро Тим Водно овој викенд се претстави со двајца возачи, кои се натпреваруваа на првата трка во Српскиот шампионат, која се одржа во Крушевац. Во класата МХ2 Христијан Станковиќ се квалификуваше на второто место на само 0,6 секунди од прво квалификуваниот, додека во класата МХБ Виктор Караколев беше квалификуван на седмата позиција во конкуренција од 25 возачи.

Во неделата се возеа две трки, на првата трка Христијан Станковиќ ја задржа истата позиција од квалификациите и трката ја заврши на второто место. Во втората трка во голема борба со конкуранцијата успеа да се избори за победа и заврши на првото место. Виктор Караколев на трката во класата МХБ ја задржа истата позиција од квалификациите и трката ја заврши на седмото место.

Овие достигнувања на членовите најавува одличен почеток на сезоната за мото клубот Ендуро Тим Водно од Скопје.