Спектакл на „Имола“ и победа на Верстапен на јубилејната трка за Ред Бул

Четирикратниот шампион Макс Верстапен ја забележа втората победа на седмата сезонска трка во Формула 1. Холанѓанецот извозе маестрално и ја победи конкуренцијата од Мекларен во трката за Големата награда на Емилија-Ромања. Така, Ред Бул стигна до победа на својата јубилејна 400. трка во овој спорт. 

Верстапен тргна од второто место, стартот не му беше сјаен, ама потоа со одличен маневар го презеде водството и го одбрани до самиот крај. Иако имаше и малку среќа со сигурносните автомобили, холандскиот возач покажа зошто е шампион и најдобар на денешницата. На крајот Верстапен ја заврши трката со повеќе од шест секунди предност во однос на Ландо Норис, иако на десет круга пред крајот имаше рестарт. 

Оскар Пиастри немаше среќа со последниот сигурносен автомобил, остана на стари гуми и заврши на третото место откако ја загуби тимската битка. И покрај катастрофата во квалификациите, мора да се пофалат возачите на Ферари бидејќи Луис Хамилтон заврши четврти пред Алекс Албон, а Шарл Леклер без среќата на своја страна мораше да се задоволи со шестата позиција иако извозе перфектно. Во бодови завршија уште Џорџ Расел, Карлос Саинц, Исак Хаџар и Јуки Цунода. 

По трката на култната „Имола“ Пиастри остана на водечкото место со 146 бода, но Норис ја смали разликата и има 13 помалку, додека Верстапен е третопласиран со 124. Следната трка се вози наредниот викенд по улиците на Монако.

ФОТО/PHOTO: Formula 1/Twitter