Сопругата на Шумахер: Михаел е поинаков, но сè уште е тука

Популарната светска платформа „Нетфликс“ на 15 септември ќе го објави документарниот филм за можеби најголемиот Формула 1 возач на сите времиња, Михаел Шумахер. 

Германецот кој сè уште заздравува од скијачката несреќа во 2013 година ќе добие свој филм. Поради тоа, неговата сопруга Корина се реши да зборува пред јавноста, иако не го прави често тоа и ситуацијата на Михаел е голема тајна за јавноста. 

„Михаел е сè уште тука, поинаков е, ама е тука. Би кажала дека тој ни дава сила. Секој ден ми покажува колку е силен. Заедно сме дома, ги зема терапиите. Правиме сè за тој да се чувствува попријатно, да биде дел од семејството и понатаму. Ќе продолжам да правам сè што можам. Се обидуваме да продолжиме да живееме како семејство, како што сакаше Михаел. Порано тој не штитеше нас, сега ние го штитиме него“, изјави сопругата.

Оваа сезона во Формула 1 дебитираше синот на Михаел, Мик Шумахер во тимот на Хаас. Сепак, поради неконкурентниот болид, талентираниот возач не може да остави свој печат барем оваа сезона.